Старите коли се подобри од новите, затоа што не те замараат. Не ти судат. Не се однесуваат со тебе како со мало дете, не се бунат. Еве, на пример, новите коли, ако не ставиш каиш на возење, одма почнуваат да пиштат, како бебиња. Како да не знаеш сам дека треба да ставиш каиш. Потценувачки е. А старите коли не. Тие си ја бркаат работата - „пали вози“, како што се рекло. Исто, во новите коли, ако ги заборавиш светлата вклучени, а ја отвориш вратата за да излезеш, пиштат, свират, мислиш ќе експлодира нешто кај и да е. А старите не: ќе ги оставиш пуштени светлата, ќе си заминеш без стресови, колата не се буни, па ќе се вратиш после, а таа вергла и не пали, па ќе викнеш некој да те турне, или ќе извадиш клеми, или ќе се јавиш на таксист со клеми, да запалиш... Во меѓувреме, вежбаш трпение и благодарност. Зен. Да, со старите коли има динамика во случувањата, непредвидливост, возбуда, живот.
Мислам дека смешна снобовштина е да се претпочитаат нови коли.
А кога веќе зборуваме за снобовштина, мислам дека снобовштина е да се претпочитаат коли, воопшто. Стари или нови. Имајќи градски автобуси на секој чекор. Или, имајќи бицикли, точаци, велосипеди, и лисја што вака паѓаат - да може човек да појде некаде со бицикла, а да појде со кола (до кај пријател, до пазар, до кладилница, кај и да е) - е тоа е чиста снобовштина. Дембелштина. Пред некое време, набрзо откако почнав да ја возам колата, скопчав дека ја возам и кога треба и кога не треба. Можам да појдам некаде со автобус, ама не - ќе одам со кола. Имам работа во Центар - што ќе чекам бус, ќе си појдам со кола... После нема паркинг. Е нема. И, така, увидов дека без да бидам свесен, сум станал сноб. Снобче. Си се насмеав на себеси. И почнав пак да се возам со автобус.
Навистина, велосипедот е магија. И, добро е што сè повеќе луѓе стануваат свесни за тоа, и што на сè повеќе булевари се обележува посебна лента за бицикла - затоа што друго е кола, а друго е бицикла – баш велосипедот, точакот, бициклата, како било: е тоа е непредвидливост, возбуда, и живот. Ако не треба да стигнеш од Ѓорче до Петровец за пола час.
Јас, конкретно, не можам да бидам соодветен адвокат за возење велосипеди, затоа што - немам бицикла. Ама, би имал. Кога не би живеел на шести кат во зграда без лифт. Се сеќавам на два-три точаци во нашата зграда, Не издржуваат долго. Не успеваат. Бицикла во влез во Ѓорче е како палма на кеј од Вардар.