Ана Бландијана (родена како Отилија Валерија Коман во Темишвар, Романија на 25.3.1942 г.) е лауреат на овогодинешниот, педесет и осми „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, кои ќе се одржат од 21 до 26 овој месец.
* * *
Би требало
Би требало да се раѓаме стари,
За да доаѓаме на свет мудри и кадарни
Судбината да си ја одредуваме сами,
На првиот крстопат да знаеме кој пат каде води
И неодговорен да е сал копнежот по од.
Потоа со секој чекор да стануваме сè помлади,
Пред портата на создавањето да стигнеме зрели и јадри,
Да влеземе низ неа во љубовта ко девојки и младичи,
Да бидеме деца при раѓањето на нашите синови.
Тие и онака ќе бидат постари од нас,
Па ќе нè учат да зборуваме, ќе нè лулкаат пред заспивање,
А ние сè повеќе ќе се смалуваме, ќе исчезнуваме
Божем зрно грозје, зрно грашок, божем зрно житце...
(Ранлива птица, 1966)
Понизност
Не можам денот да го спречам
Да има дваесет и четири часа.
Единствено можам да ти речам:
Прости ми што денот трае толку долго.
Не можам пеперутките да ги спречам
Во нивниот изблик од гасениците, вон!
Прости ми и за пеперутките и за гасениците,
Единствено тоа те молам со понизен тон.
Прости ми што цветчињата стануваат овошки,
А овошките голушки,
А голушките, пак, дрвја овошни!
Прости ми што изворите стануваат реки,
Реките мориња, а морињата океани.
И што љубовите стануваат новороденчиња,
А тие осами, а осамите љубови.
Ништо, ништо не можам да спречам.
И последното несочно зрнце, и мојата крв,
Сè си ја следи судбата своја
Без да ме праша мене за тоа.
Единствено можам да ти речам –
Прости ми, прости ми.
Затворено око
Не се осмелувам ни за миг
да ги отворам очите
од страв
да не го смачкам светот меѓу клепките,
да не го слушнам како крцнува гласно
како лешник меѓу забите.
Уште колку долго ќе му пркосам на сонот?
Уште колку долго ќе го туркам животов?
В очаеност бдеам
И кучешка жал ме стега
Што од моето затворено око
Универзумот не ќе може да избега.
Состојба
Јас сум
исто
што е и песокот
во клепсидрата
кој
може да е време
само
дури паѓа.
(Трета тајна, 1969)
Ми се спие
Ми се спие ко што им се спие
На овошките наесен,
Ми се спие и добро ми е,
Добра сум, топла сум,
Во мислите
Ми забрмчува пчела,
Набрзо главата
Ќе ми падне на рамо
Како што секоја овошка
Еднаш паѓа
И почнува да гние
Од страната свртена кон земјата.
Тонам в сон
И главата
Ми се распаѓа од сништа,
Слатки алкохоли
Се дестилираат благо,
А кога му доаѓа ред
Веќе и ангелот-црв спие
И дури сонува
Гние ли гние.
(Песни, 1974)
Ана Бландијана во седумдесеттите
* * *
Облека
Напати изутрина
Се будам изѕемната
И наполу заспана,
Сонлива и наежена,
Го навлекувам врз себе
Моето младо,
Топло, свилено тело
Во кое се стутулувам
Детски тракајќи со забите,
Среќна што уште еден ден
Цел еден ден
Ќе бидам
Засолнета од вечноста.
(Око на штурец, 1981)
Крстоносниот поход на децата
Еден цел народ
Сè уште нероден
Но осуден на раѓање,
Фетус до фетус,
Еден цел народ
Што не слуша, не гледа, не разбира
Но продолжува напред
Пробивајќи си пат
Низ склопчени тела на жени
Низ крвта
На мајките што никој не ги прашал.
(Списание Амфитеатар, 1984)
Татко
Не одлучувам јас.
Атомите стануваат песок,
Песокта обликува камчиња,
Камчињата се претвораат во букви,
Буквите про’ртуваат, запупуваат,
Оплодуваат зборови,
Зборовите стануваат животни, се парат
И раѓаат младенчиња.
Не одлучувам јас.
Никогаш
Кога здогледувам бремен збор
Не знам кој е таткото.
Собирање ангели
...Одвреме-навреме
Тап тресок се кошка
Чиниш во тревата
Се стркалува овошка.
Еј, времето си лета!
Ангелите узреаја
И почнаа да паѓаат:
Есен фати на небесата...
Саѓи
На што помислуваш кога здогледуваш
Архангел извалкан со саѓи?
Секако, на загадената Земјина обвивка.
И на што уште?
На навиката на ангелите
Да го пикаат носот насекаде.
И на што уште?
На печките што напролет
Се затнуваат и кашлаат чад.
И на што уште?
Ох, ако размислам подобро,
Архангел извалкан со саѓи
Може да е и архангел
Што се запалил себеси
А заборавил ека не може да гори...
(Ѕвезда грабливка, 1985)
Среќна, ми велат, дека треба да бидам
Среќна, ми велат, дека треба да бидам
Оти сум ја избрала смртта
За да можам да воскреснам.
Што сакаш повеќе од тоа,
Ме прашуваат,
Но никој не очекува одговор.
Блазе тебе! ми велат сите,
(А јас повторувам: Блазе мене!)
Па не можеш да воскреснеш
ако не умреш,
Ми велат
Оние што никогаш не воскреснале
Оти никогаш и не умреле.
(Посмртно сонце, 2000)
Напати изутрина
Се будам изѕемната
И наполу заспана,
Сонлива и наежена,
Го навлекувам врз себе
Моето младо,
Топло, свилено тело
Во кое се стутулувам
Детски тракајќи со забите,
Среќна што уште еден ден
Цел еден ден
Ќе бидам
Засолнета од вечноста.
(Око на штурец, 1981)
Крстоносниот поход на децата
Еден цел народ
Сè уште нероден
Но осуден на раѓање,
Фетус до фетус,
Еден цел народ
Што не слуша, не гледа, не разбира
Но продолжува напред
Пробивајќи си пат
Низ склопчени тела на жени
Низ крвта
На мајките што никој не ги прашал.
(Списание Амфитеатар, 1984)
Татко
Не одлучувам јас.
Атомите стануваат песок,
Песокта обликува камчиња,
Камчињата се претвораат во букви,
Буквите про’ртуваат, запупуваат,
Оплодуваат зборови,
Зборовите стануваат животни, се парат
И раѓаат младенчиња.
Не одлучувам јас.
Никогаш
Кога здогледувам бремен збор
Не знам кој е таткото.
Собирање ангели
...Одвреме-навреме
Тап тресок се кошка
Чиниш во тревата
Се стркалува овошка.
Еј, времето си лета!
Ангелите узреаја
И почнаа да паѓаат:
Есен фати на небесата...
Саѓи
На што помислуваш кога здогледуваш
Архангел извалкан со саѓи?
Секако, на загадената Земјина обвивка.
И на што уште?
На навиката на ангелите
Да го пикаат носот насекаде.
И на што уште?
На печките што напролет
Се затнуваат и кашлаат чад.
И на што уште?
Ох, ако размислам подобро,
Архангел извалкан со саѓи
Може да е и архангел
Што се запалил себеси
А заборавил ека не може да гори...
(Ѕвезда грабливка, 1985)
Среќна, ми велат, дека треба да бидам
Среќна, ми велат, дека треба да бидам
Оти сум ја избрала смртта
За да можам да воскреснам.
Што сакаш повеќе од тоа,
Ме прашуваат,
Но никој не очекува одговор.
Блазе тебе! ми велат сите,
(А јас повторувам: Блазе мене!)
Па не можеш да воскреснеш
ако не умреш,
Ми велат
Оние што никогаш не воскреснале
Оти никогаш и не умреле.
(Посмртно сонце, 2000)
* * *
Ана Бландијана
* * *
„Со својата длабока, чиста, речиси детска внатрешност која ѝ дава на нејзината поезија автентичен поетски тон, се чини дека Ана Бландијана е една од најслободните поетски личности на нејзината генерација. Нејзината поезија не познава предрасуди и клишеа. Таа е пишувана со зборови и со „незборови“, со слобода каква што поседувале примордијалните луѓе. Копнежот по чиста поезија, по не-поезија родена со што помалку вербални средства е карактеристичен за целата генерација на шеесеттите, но Ана Бландијана, како ретко кој од нејзините колеги, се определува за овој копнеж како за целосен однос помеѓу неа и светот. Животот го сублимира во поезија свесна дека универзумот постои и ќе постои сè додека постои и духот што го продлабочува. Недовербата во зборот, како во лингвистичка целост, и во поезијата, како книжевно остварување, е присутна во поезијата на Ана Бландијана од првата до последната книга. Поетесата и сама ќе рече: „За мене, никој не е подалеку од литературата од еден голем поет/писател“. Навистина, нејзината поезија е повеќе живот отколку литература, повеќе природна отколку културна појава. По природа романтична, односно отворена за сè што е ново, за чудата на светот и на животот, за примордијалната енергија со која располагал само првобитниот човек, Ана Бландијана размислува „митски“ и пишува „научно наивно“. Во својата поетска програма, еднаш засекогаш, ги има зацртано следниве елементи: уметничка дисциплина, згуснат поетски материјал, едноставност на композицијата, јаснотија на елегичната мелодичност, оригиналност на поетското Јас.“
* * *
Песните и текстот се извадени од „Архангел во саѓи“ (СВП, 2004, Едиција „Плејади“) - збирка песни по избор од авторката, во препев и со поговор (чијшто извадок се наоѓа погоре) од Лидија Димковска.