Затворен сум во голема празна просторија која и одвнатре потсетува на оние од Де Кирико. Ѕидовите се бели, подот е бел, сè е бело. Многу е ладно. На неколку чекори од мене стои едно девојче. И јас стојам: не можеме да седиме на земја, многу е ладно. Не можеме ништо да правиме - знаеме дека сме затворени, не се ни обидуваме да излеземе. На ѕидот има два големи отвори во форма на квадрат, но нема прозорци, и студениот здив на неподвижниот бел воздух влегува однадвор, се меша со нашиот, влегува во нас, и ни ја изѕемнува утробата. Во далечината се гледаат сини планини. Девојчето - ситничко, со кратка косичка до рамена, облечено во раскопчано шушкавно палто - гледа нанадвор, некаде во далечината. Сонлива е, веќе без трага од надеж дека што било може да се случи. Нов бран студенило ми влегува во коските. Девојчето полека легнува на земја, и јас одам до неа. „Стани“, ѝ велам, ја гушнувам и ја тријам по надлактиците. Забележувам дека во ќошот има мал кафеав плакар, висок до половина, широк колку едно лакто. „Дојди“, ѝ велам, ја кревам и, уште пред да ја седнам на плакарот, чувствувам како студенилото се повлекува од нејзините стапала. Таа седи со поднаведната глава и со затворени очи. Ладно е. Станувам свесен за нашата беспомошност. „Значи, вака смртта доаѓа по нас“, помислувам, и се вртам кон неа. „Бакни ме“, ѝ велам, а таа само ја поткрева брадата. Ги допирам моите усни до нејзините. Таа не реагира - како да ѝ замрзнале и усните, како сè што е замрзнато. Најпосле, нејзините усни почнуваат да се придвижуваат, омекнуваат, а јас чувствувам како сè во нас се растопува. Таа ги подотвора очите, јас се будам.
|
Булевар ОслободувањеЖивко Грозданоски По месеци
December 2020
Категории |