Се разбудувам, а истата, тапа тежина сѐ уште ми ги притиска градите. Се подисправувам малку, и до креветот ги гледам книгите купени вчера на саем. Ја земам Библијата, минувам со дланката по корицата, се прекрстувам, ја отворам, и почнувам да читам.
...И Господ Бог рече: „Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!“ Тогаш Господ Бог ги создаде од земјата сите полски животни, и сите небески птици, и ги доведе кај човекот за да види како ќе ги нарече тој, па, како што човекот ќе го нарече секое живо суштество, така да му биде и името...
Во тој миг силно испрекинато брчење одекнува низ собата. Се вртам кон терасата. Вратата е отворена – сигурно некоја голема оса, или некој стршлен влегол внатре и сега се обидува да мине низ стаклото за да се врати на слобода.
Со книгата сѐ уште в раце, веќе мислам на метлата и на лопатката. Ќе треба да ја приклештам добро гадинката. Прво, широко ќе ја отворам вратата, за полесно да го исфрлам надвор.
А брчењето си продолжува, како некоја мала машина што работи со краток спој.
Станувам од креветот и одам до терасата.
Долу, во рамката од вратата, забележувам една бубачка со сјајно-зелен оклоп, голема колку лешник. Се наведнувам. Брнџал. Лази бавно во пластичниот жлеб од вратата, и одвреме-навреме се обидува да одлета. Едното крило му е свиткано настрана.
Го земам во дланката. Со ноџињата ме грепка по прстите и тоа ме потсетува на древните времиња кога со другите деца ги собиравме овие безопасни живинчиња од боздовиците крај џадето.
Излегувам на тераса. Воздухот е убав. Ја подавам раката кон небото. Брнџалот полека отшетува до врвот на показалецот, ги крева лакираните капаци од оклопот, ги покажува крилата, и си одлетува.
И јас се враќам назад во собата. Легнувам во креветот и одново ја земам книгата в раце.
И им даде човекот имиња на сиот добиток, и на небеските птици, и на сите полски ѕверови; но за човекот не се најде помошник, сличен на него...
Скопје,
10.05.2015 год.