Овој говор на претседателот на Гана, одржан во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон, одлично ја доловува мојата позиција кон ЕУ. Говорот е од лани, и се однесува на односот на Африканските земји кон Европа, но мислам дека ако да се замени зборот „Африка“ со „Македонија“ ќе се добие текст многу актуелен и поучен за нас. Треба да се обрати внимание на клучниот збор и концепт на кој неколку пати се навраќа претседателот на Гана: потребата да се промени менталитетот („мајндсетот“).
„Ние не смееме да продолжиме да ги темелиме нашите политики (за самите нас, за нашата земја, за нашиот регион, за нашиот континент) врз основа на каква и да е поддршката што можат да ни ја дадат Западниот свет, или Франција, или Европската Унија. Тоа нема да функционира. Ниту функционирало некогаш, ниту пак ќе функционира. Нашата одговорност е да зацртаме пат што ќе биде за тоа како ние можеме сами да ги развиваме нашите нации. Не е во ред една држава како Гана, и шеесет години по независноста, својот здравствен и својот образовен буџет да ги финансира од дарежливоста и милосрдието од Европејците што плаќаат даноци. Досега треба да сме способни сами да си ги финансираме основните потреби. А ако сакаме на следните години да гледаме како на период на премин, на период во кој ќе можеме сами да застанеме на нозе, нашето гледиште не смее да зависи од тоа што даночниот обврзник од Франција ќе одлучи да прави со вишокот што би го имале таму. Тие се добредојдени, и благодарни сме за сите интервенции што француските граѓани, со своите даноци, преку француската влада, би можеле да ги направат кај нас. […] Но, овој континент, и покрај сè она што се случува, денес е сè уште складиште на најмалку 30% од наважните минерали на светот. Ова е континент на широки полиња обработлива и плодна земја. Го има најмладото население од сите континенти на светот, што значи ја има енергијата, и динамизмот – сме го виделе тоа: овие млади луѓе, кои покажуваат толку голема издржливост и остроумност при преминувањето на Сахара, со искинати обувки, и натаму преку Средоземјето... Е, сета таа енергија, сакаме таа енергија да работи тука, во нашите земји. А сета таа енергија ќе работи во нашите земји само ако почнеме да градиме системи што ќе им велат на младите од нашата земја дека нивните надежи, и нивните можности се токму тука, со нас. Миграцијата, и преселувањето на луѓето денес се претставува на начин што го тера човек да помисли дека е тоа некој нов феномен. Ама, тука нема ништо ново – преселбата е стара колку и човештвото, и секогаш била поврзана до една иста работа: местото на кое што се наоѓаш не успева да ти обезбеди иднина, па се селиш на друго место. Запознаени сме со европската историја од деветнаесетиот век: знаеме дека најголемиот бран имигранти во Европа во тоа време беше од Ирска и од Италија. Тоа беа бројни бранови, цели генерации Италијанци и Ирци ги напуштаа своите домови во потрага по американскиот рај – затоа што Ирска не функционираше, ниту пак Италија функционираше. Денес, не слушате ништо за тоа – младите Италијанци се во Италија, младите Ирци се во Ирска. Сакаме младите Африканци да останат во Африка. А тоа значи дека ние мораме да го напуштиме овој менталитет на зависност, ова постојано мислење што Франција може да направи за нас. Франција ќе направи сè што треба да направи за себе. А ако тоа се поклопи со она што ни треба и нам, “tant miex” (уште подобро), како што велат Французите. Но нашата главна одговорност – како лидери, како граѓани – е она што треба да го направиме за да си ги израснеме земјите. За да имаме институции што работат, што ќе ни овозможат да имаме добри директори, да имаме директори од доверба, и кои ќе водат сметка за парите што им се дадени на располагање на политичарите да бидат искористени за интересите на државата, а не за интересите на политичарите. Да имаме систем што ќе обезбедува одговорност, што ќе ја овозможува разноликоста, што ќе им овозможува на луѓето да се изразуваат себеси, и да придонесуваат за моделирање на јавната волја и јавниот интерес. Нашата мисла треба да биде ова – што треба ние да направиме, во овој дваесет и први век, за Африка да престане да личи на човек што ги крши прстите и пита за помош, за милостина, за раздаваници.“
„Африканскиот континент, ако погледнеме на нашите ресурси – ние треба да даваме пари на други. Имаме огромно богатство на овој континент, и во нашата земја Гана. Треба да имаме менталитет што ќе ни вели: „Можеме да успееме. Успеале и други, можеме и ние. И штом ќе го имаме утврдено таквиот начин на размислување, ќе видиме дека тоа ќе биде ослободувачки и за самите нас. Ние упорно зборуваме за Корејците, Малезијците и Сингапурците, кои независноста ја стекнаа во исто време како и ние, за тоа како на времето на осамостојувањето приходот по глава на жител во Гана беше повисок од оној во Кореја. Денес Кореја е дел од Првиот свет. Како и Малезија. И Сингапур. Зошто тие ја направија таа транзиција, а ние, и по шеесет години, сме таму каде што сме? Тоа се прашањата со кои треба да се занимаваме – како Африканци, како жители на Гана, а не – и ова го велам со наголема почит кон францускиот претседател, затоа што соработката со нив е нешто што... а и јас, како што знаете, сум голем пријател на Франција, јас сум „франкофил“, во таа смисла, така што немам никаков проблем со тоа – зборувам за нашиот порив, за она што ние треба да го направиме за државите да ни функционираат, за да ги создадеме условите што ќе им овозможат на нашите млади да се откажат од овој ризичен подвиг да стигнат до Европа. Тие не одат таму затоа што сакаат – одат таму затоа што не веруваат дека имаат какви било можности во нашите земји, и затоа токму на тоа треба да се сконцентрираме. И јас верувам дека кога би го измениле таквиот менталитет, таквиот закоравен начин на размислување според кој сме убедени дека зависиме од други, таквото уверување дека зависиме од помош и од милосрдие, би сфатиле дека она што ни следува е целосно процветување на Африканците. А таа нова Африканска личност, за која се зборуваше во времето на нашата независност, ќе стане реална во наше време. […] Ова се моите верувања до кои силно држам, и токму затоа како слоган на моето претседателство го зедов слоганот дека сакаме да изградиме една „Гана отаде помошта“. Гана која ќе биде независна, која ќе биде самодоволна, која ќе биде кадарна сама да стои на нозе, и сама да си го гради животот. Ние можеме да го постигнеме тоа. Ако го имаме вистинскиот менталитет за да го постигнеме тоа.“