Далеку на север има една малечка, но бескрајно чудна земја. Земја-неземја. Изградена е од три нешта: камен (замислете огромна камена инка без дно), дрва (замислете дрворед во форма на прстен, длабоко во инката) и водорамно оптегнати јажиња (жителите врзале јаже помеѓу секое дрво, со што сплеле мрежа над страшниот, мрачен амбис под нив).
Не е важно тоа што никој не знае како овие луѓе се нашле таму, ниту пак е важно тоа што дрвата се единствениот извор на храна за луѓето: поважно е тоа што за да појдат од едно до друго место, за да наберат плодови или да се напијат вода (на три места тече вода, од врвот надолу низ провалијата) луѓето мораат да одат по јажињата. Но, на едно исто јаже, јасно, не можат да врват двајца истовремено - затоа, пред да тргне некој по некое јаже, внимателно клекнува и набљудува дали јажето трепери. Ако трепери, мора да бара друго, слободно јаже за да не завршат обајцата во мрачната провалија. Ова можеби е единствената земја-неземја во која двајца заљубени не можат да се затрчаат еден кон друг. Што е уште пострашно, тука воопшто не може да се зборува за трчање: од своето раѓање, па сè до моментот кога веќе не можат да одржуваат рамнотежа, луѓето најголемиот дел од времето го минуваат трпеливо треперејќи на јажето, внимателно трудејќи се стабилно да чекорат напред. Секој од овие луѓе би сакал да го крене погледот и да му мавне на некој друг што минува по друго јаже, но не смее, затоа што може да ја загуби рамнотежата и да пропадне во немата темница што зјае одоздола. Така, луѓето таму се среќаваат само случајно, на оние места каде што јажињата се вкрстуваат, и единствено под услов да нема никој трет кој би тежел во близина. Единствено тогаш малку се води љубов или се гради кусо пријателство, а потоа мора одново да се продолжи, секој по својот пат. Тоа е една од малкуте надежи во неземјата на јажињата: кога одат од едно до друго место, сите редовно подзастануваат на секој јазол, на секој крстопат, и чекаат. Ако не дојде никој, си продолжуваат по патот-непат.
Околните, обични народи многу ретко зборуваат за неземјата на јажињата. Ја спомнуваат само некогаш, навечер, за да ги заплашат малите деца што одбиваат да заспијат – „Ако не бидеш мирен ќе те фрлам во неземјата на јажињата!“ - им велат. Тогаш децата молкнуваат и послушно ги затвораат очињата.
Сепак, околните народи не ги забораваат целосно луѓето-нелуѓе од неземјата на јажињата: во знак на солидарност, тие градат високи железни огради околу кратерот, за птиците да не можат да ја надлетуваат нивната неземја - знаат дека не би било убаво оние од дупката да гледаат дека постојат и живи суштества кои никогаш не треперат сами на јаже. Но, дури и ако се случи по некоја птица да мине низ жицата, ретко кога погледот на одачите по јажињата се вкрстува со неа: луѓето од неземјата на јажињата главно гледаат во јажето пред своите стапала, со притаен страв од мигот кога ќе загубат рамнотежа.