Понекогаш, сепак, човек често помислува на преведувачот и на лекторот, а понекогаш еден од нив - или обајцата, во тандем - се толку присутни и незанемарливи, што вниманието насочено кон нив се израмнува со вниманието што треба да ѝ се посвети на приказната. Така, преведувачот и лекторот набрзо стануваат рамноправни ликови во севкупното дејствие, а книгата се претвора во еден вид тегобна мета-литература.
Малку понепријатно е кога ги познаваш лично. Тогаш, читајќи, одвреме-навреме лицата на преведувачот и на лекторот одеднаш ти искокнуваат непоканети пред очи, распослани преку сета должина и ширина на страницата. Ти сè уште не си ги оформил физиономиите на ликовите, но затоа имаш други ликови, јасно напечатени врз буквите.
На крајот, кога книгата е прочитана, се чувствуваш како веќе да сте поминале некое време заедно, без тие да знаат: ти си се трудел да прочиташ некоја книга што некој друг се трудел да ја напише, а преведувачот - или лекторот, или обајцата - како со стапче одвреме-навреме да те боцкале во слабините. Потоа, си ја замислуваш следната средба со нив. Однапред се чувствуваш засрамено и лицемерно, затоа што ќе мораш да се насмевнеш и да се поздравиш со нив како „никому-ништо“. Се надеваш дека нема да се издадеш некако, дека нема на ликот да му дадеш до знаење дека иако се немате видено со месеци, па и не е толку важно што минатата недела сте поминале неколку дена заедно - ти си се обидувал малку да сонуваш, а тој крај тебе дремел, спиел, ’рчел, клоцал, и бладал во сонот некои едвај разбирливи зборови.